Наставна програма на Нарконон за едукација од областа на дрогите за средношколци: Нерандомизирано и контролирано испитување на средствата за превенција

Ричард Д. Ленокс
Корпорација „Психометриски технологии“,
Вестерн Парк Лејн 2404, Хилсборо, Северна Каролина 27278, САД

Мари А.Чекини
Независен консултант од областа на истражувањето
Авенија Вескот 10841 Санленд, Калифорнија 91040, САД

Рецензија и издание на Substance Abuse Treatment, Prevention, and Policy

РЕЗИМЕ

Вовед

Иако со годишната, референтна студија, Monitoring the Future (MTF), беше измерено мало намалување на употребата на дрогите во изминатите неколку години кога се правени истражувањата, сепак проценетите 13 милиони младиници, на возраст меѓу 12 и 17 години во САД, кои имале контакт со алкохол, тутун и други дроги на годишно ниво, остануваат како висока бројка во споредба со опаѓачкиот тренд кој бил забележан во текот на 1980-тите години, а кој завршил во 1992 година.

Како примери за проблематични области се проценентите 22,5 милијарди долари кои малолетните потрошувачи ги потрошиле во 1999 година (од вкупниот износ од 116,2 милијарди долари); станува збор за алармантно зголемување од 212 проценти кај младинците на возраст меѓу 12 и 17 години кај кои е забележена злоупотреба на лекарства препишани од доктор во периодот меѓу 1992 и 2003 година (а која бројка драстично се влошила од периодот кога е направена студијата); во 2001 година се проценило дека бројот на младинци кои за првпат стапиле во контакт со лекарства за намалување на болка изнесувал 1.124.000, што како бројка е веднаш по бројот на младинци кои за првпат стапиле во контакт со марихуаната кој изнесува 1.741.000.

Се увидело дека за време на студијата контролираните лекарства кои се издаваат на рецепт од доктор (како Оксиконтин, Валиум и Риталин) биле четврти најзлоупотребувани супстанции во Америка веднаш по марихуаната, алкохолот и тутунот.

Кога напорите за превенција нема да успеат, тоа чини скапо. Во 2005 година, стапките на преваленца за употреба на дроги биле 21%, 38% и 50% за 8, 10 и 12 одделение, соодветно. Иако може да се полемизира дека не сите студенти кои ќе пробаат дроги ќе развијат проблеми, во 2002 година, било проценето дека злоупотребата на алкохол и зависностите предизвикуваат трошоци во износ од 180.9 милијарди долари поради намалена продуктивност, здравствена грижа, справување со криминал и социјална помош. За многу младинци, злоупотребата на супстанции предизвикува проблеми во образованието како намалени оценки, бегање од училиште, намалени очекувања, одлуки за откажување од понатамошно образование. Всушност, колку повеќе еден студент користи цигари, алкохол, марихуана, кокаин и други дроги, толку повеќе нему ќе му оди лошо на училиште, ќе го напушти училиштето или нема да продолжи со високо образование.

Во согласност со целите и програмата за јавно здравје на Канцеларијата за национална политика за контрола на дроги и Министерството за образование, крајната цел на Нарконон е да се превенира или елиминира злоупотребата на дрогите во општеството. Истражувањата покажуваат дека превенцијата или одложувањето на почнувањето со користењето на алкохол или други дроги за време на раната адолесценција може да ја намали или превенира злоупотребата на супстанции и други ризични однесувања во подоцнежната адолесценција и во возрасни години. Сепак, постојат дискусии во врска со тоа какви начела и стратегии треба да се применат за да оствари оваа цел. Во последните 40 и повеќе години, специјалистите за превенција на дроги на Нарконон испорачуваат семинари кои имаат за цел да ги зајакнат постојните напори за превенција со дополнителни илустративни материјали опфатени со наставните програми во училиштата. Во 2004 година, Нарконон Интернационал подготви наставна програма за средно образование составена од осум модули, а која се темели на истражувањата и делата на Л. Рон Хабард, како што се прифатени во секуларната методологија за рехабилитација од дроги на Нарконон. Развивачите на програмата ги анализираа одговорите на студентите кои ја завршиле програмата, собрани по пат на анкети, кои се дел од практиките за управување со квалитет, а кои се воведени од самиот почеток на програмата и до денес сè уште се употребуваат, а во насока на дефинирање на практики кои се темелат на докази и на теоријата за првенција со цел да се создаде самостојна, универзална (за сите младинци) наставна програма за едукација од областа на дрогите за средните училишта, чија цел ќе биде да ги обработи клучните проблематични области.

Образовната наставна програма на Нарконон, која е составена од осум модули и е наменета за младинци од средните училишта, вклучува единствена комбинација на стратегии за превенција со содржини кои ги обработуваат темите на цигарите (тутунот), алкохолот, марихуаната и вообичаените „тешки дроги“. Преку активности за поттикнување на мотивацијата за здравјето, социјалните вештини, признавање на општествено влијание и активности за развивање на знаењето се обработуваат одредени фактори на ризик и заштита кои се дел од етиологијата на самата злоупотреба на супстанции и на зависноста. Целта на оваа студија беше да се направи процена на капацитетот на оваа програма да го смени однесувањето на младите во смисла на користењето на дрогите, нивните ставови и знаење и да ги процени компонентите на наставната програма за едукација од областа на дрогите на Нарконон во контекст на теоријата за превенција.

МЕТОДОЛОГИЈА

Опис на примерокот

Персоналот на Нарконон регрутираше 14 училишта од две држави. Училиштата беа распределени во образовните или во контролните групи, врз основа на сличноста по големина на училиште, големина на улилишната заедница и преовладувачкиот етникум. Училиштата исто така се согласија да учествуваат во три испитувања: референтно, тестирање по околу еден месец од рефернтното тестирање и контролно тестирање по шест месеци. Целата наставна програма на Нарконон за едукација од областа на дрогите беше имплементирана или по завршување на референтното истражување (образовна ситуација) или по завршување на финалното шестмесечно истражување (контролна ситуација). Степенот на веродостојност во испораката на наставната програма беше верификуван со извештај на фацилитатор (олеснувач).

По добивањето на согласностите од родителите, се воспоставија 236 контролни групи и 244 експериментални групи на ученици во Оклахома и 295 контролни групи и 220 експерименатални групи на Хаваи. На учениците им беше објаснето дека нивното учество е доброволно и дека целата постапка е доверлива. По референтното истражување, едно од ангажираните училишта со 26 учесници се откажа од програмата, поради неусогласност со распоредот. Немаше ниту едно барање за усогласување на примерокот по пол или по потенцијално интересни етнички или ризични групи.

Протоколот на студијата и обрасците за согласнот беа прегледани и одобрени од Copernicus Group IRB (Протокол HI001). Лиценцираните анкетари на секој студент му доделуваат единствен број за идентификација врз основа на списокот во дневник. Заради зачувување на доверливоста на одговорите, студентите ги обележуваа нивните одговори на стандардни шеми за пополнување на одговори на кои го обележуваат само нивниот број за идентификација. Бројот во дневникот и кодот за идентификација беа искористени за да на студентите им се додели истиот идентификациски број при секое истражување, со што се овозможува споредување на одговорите кои се дадени при секое мерење - оваа стратегија за креирање на примерокот ја обезбедува потребната статистичка моќ за идентификување на разликите кај тестните варијабли меѓу универзалното население во едно одделение, во кое мнозинството од младинците не користат дроги. Секој студент ги става пополнетите обрасци со одговори во затворен плик, кој е запечатен и кој се предава на анкетарите за да го испратат до одговорниот истражувач кој треба да ги внесе податоците, да ги обработи и да даде статистичка анализа.

Интервенција во едукацијата за дроги

Дизајнот на студијата предвидува дека секое училиште кое е регрутирано за експерименталната ситуација да ја добие целосната наставна програма за едукација од областа на дрогите. Професионално обучените фацилитатори следат кодификуван прирачник за испорака и секој од нив пополнува дневен извештај за усогласеност. Кодификуваната наставна програма на Нарконон за превенција од дроги им помага на фацилитаторите да ја имплементираат програмата согласно конкретни стандарди, при тоа одржувајќи ја веродостојноста на програмата.

Мерење на ефектите

Мерење на ефектите кај учесниците за доброволни програми дизајнирани за процена на ефектите во програми за превенција од злоупотреба на супстанции финасирани од CSAP која се препорачува за употреба во дизајн на пред-тест или по-тест. (Образец ОМБ Бр. 0930-0208 рок на траење 31/12/2005). Прашањата биле насочени на честотата на употреба на дваесет и две дроги вклучително и дванаесет прашања од Истражувањето - Monitoring the Future.

Секундарните ефекти оценети од CSAP инструментот вклучуваат перцепирање на ризикот, ставовите и одлуките за користење на дрогите вклучително и од Истражувањето-Monitoring the Future пет прашања за потенцијалниот ризик од злоупотреба на супстанции; и од Истражувањето на ученици за факторите на ризик и заштита четири прашања за ставовите во врска со злоупотреба на дроги. Дополнително на пресметувањето на промените во однесувањето и верувањето на поединците, овие прашања овозможуваат споредби со националните и државните норми.

Дополнително, развивачите на програмата препорачуваат 24 прашања кои се додадени кон CSAP истражувањето, заради проценка на тоа дали концептите од едукацијата за дрогите опфатени со програмите на Нарконон се точно разбрани од секој учесник во програмата, до кој степен тие концепти се задржани при контролното истражување и дали студентите можат или не можат да ги применат клучните концепти од програмата. Прашањата на развивачите на програмата биле дизајнирани за да се истражат приближните ефекти, вклучително и капацитетот на програмата да образува преку испитување за присеќавање на материјалот од програмата, како и да се добие впечаток за капацитетот на учениците за да ги применуваат вештините од програмата како способноста да ги искомуницираат сопствените верувања за злоупотреба на супстанции, да ги препознаат и да им одолеат на притисоците да користат супстанции и да носат одлуки.

Статистичка анализа

Нерандомизираниот дизајн подразбира конзервативна анализа - не може да се тргне од претпоставката дека групите доделени за експериментална и контролна ситуација се еднакви. За таа цел, оваа студија користеше Анализа на коваријанса (ANCOVA) за промената на резултатите од референтното истражување, контролата за првата, иницијалната употреба на дроги, како и промените во училишното население како коваријанси.

РЕЗУЛТАТИ

Евалвација на компонентите на наставната програма на Нарконон

Табела 1 ни ги дава осумте сесии на наставната програма во споредба со клучните концепти на многу други програми за превенција од дроги. Интерактивната наставна програма дава информации кои се темелат на научни податоци од различни полиња како токсикологија, форензика, нутриционизам, маркетинг, фармакологија и многу други. Материјалите за програмата вклучуваат аудио-визуелна поддршка и наставни планови кои треба да се испорачаат во целост и во комбинација со квалитетни менаџмент алатки, како што се анонинмни прашалници за учениците за секоја сесија и записи на фацилитаторите за секој проблем и/или прашања кои произлегле во текот на една сесија.

Обуката на фацилитаторите дава акцент на ефективната комуникација, како и на создавањето на средина во која учениците може да поставуваат прашања, да разговараат за лични ситуации и активно да учествуваат.

Ефектите од наставната програма на Нарконон за едукација од областа на дрогите споредени со локации каде оваа наставна програма не била испорачана

При контролното тестирање, како што е прикажано на Табела 4, учениците кои се дел од програмата за едукација од областа на дрогите, а кои не се дел од контролните групи, ја намалиле употребата на дрогите и тоа за сите видови на дроги. Имајќи ги во предвид сличностите на групата во однесувањето во смисла на користење на дроги, самата шема на однесување им дава поткрепа на разликите кои настануваат со следење на наставната програма за едукација од дроги.

Бројот на намалени употреби на дроги самиот по себе има статистичка важност. Карактеристиките на секој специфичен тест ни укажуваат на едукативноста на програмата. Употребата на алкохол, тутун и марихуана во последните 30 дена се особено важни за средношколското население: Најсилен ефект се покажа кај количеството на испушени цигари, потоа употребата на тутун кој се џвака и честотата на пушење цигари. Честотата и количината на марихуана беа исто така статистички значајни. Разликите во употреба на алкохол и опивање имаа маргинален ефект.

Кај „тешките дроги“ употребата на амфетамини зазема доминантно место кај овие младинци и истата беше значително намалена со образовната наставна програма.

Разликите меѓу образовните и контролните групи се конзистентни со литературата за универзалните интервенции на ниво на одделение (клас) каде податоците за употреба на дроги се добиваат преку извештаи доставени од самите студенти и каде нивоата на употреба на дроги се високи само кај мали подгрупи на младинци.

Влијанието на наставната програма на Нарконон за едукација во областа на дрогите врз перцепирањето на ризикот и врз ставовите за дрогите и употребата на дрогите во споредба со локации кои не ја добиле наставната програма

По извршената контрола на разлики во референтното истражување спроведена шест месеци по учеството во програмата, покажа дека кај контролната група постои поголема тенденција да се опие во текот на годината отколку кај образовната група која ја следела наставната програма, како и посилна одлука да пуши цигари. За споредба, образовната група покажа поголема посветеност кон живот без дроги отколку контролната група.

По контролното истражување по шест месеци, четири од пет прашања со кои се мери ризикот од штета имале статистичка важност. Значително поголем број на ученици во групата за едукација индицирале на голем ризик на прашањето „колку многу луѓето ризикуваат да си нанесат штета сами на себе (физички или на друг начин) доколку пробаат марихуана еднаш или двапати или пушат марихуана редовно“. Овие ставови исто така се рефлектирани во прашањата кои се предложени од развивачот за младинци кои учествувале во програмата за едукација и кои се стекнале со ставот дека дрогите се лоши за нив.

Компетенции за совладување на материјалот опфатен со наставната програма на Нарконон за едукација од областа на дрогите споредени со локации кои не ја добиле наставната програма

Како што е прикажано на Табела 9, шест месеци по добивање на програмата за едукација од областа на дрогите, значително поголем број на студенти кои ја добиле оваа наставна програма можеле да дадат одговори кои се во согласност со содржината на програмата за сите деветнаесет точки, при што се врши контрола на разликите на референтното истражување. На учениците кои биле дел од едукативната програма им се подобрило разбирањето дека алкохолот е дрога и дека злоупотребата на дрогите вклучува и легални и нелегални супстанци. При референтното истражување, најголем дел од учениците имале слабо разбирање за ефектите од употребата на дрогите врз статусот на исхранетост, а што потоа се коригирало со програмата.

Наставната програма исто така го коригирала и вообичаеното погрешно гледиште за марихуаната - дека таа не е штетна бидејќи расте природно и затоа хемикалиите кои ги содржи не се штетни. Исто така, учениците точно ги идентификувале рекламите во медиумите како главен извор на социјално влијание врз употребата на дрогите. Одговорите на голем дел од овие прашања укажуваат дека студентите кои биле дел од програмата за едукација за дроги покажуваат поголемо разбирање за сеопфатните ефекти кои дрогите ги имаат врз телото и умот.

Од шесте прашања со кои се оценуваат одлуките и однесувањата на студентите, три покажуваат значителна промена. За учениците во групата за превенција од дроги постои поголема веројатност дека ќе индицираат дека знаат доволно за дрогите за да можат да носат одлуки. Интересно, учесниците во превенцијата од дроги покажуваат поголема способност да одолеат на притисокот да земат дроги, иако на прашањето со кое се мери способноста да се одолее на притисокот за употребата на дроги во минатото и двете групи го одговориле слично и тоа во сите временски точки на тестирање. Исто така, имаше значителна промена во бројот на ученици кои на изјавата „дрогите не се толку лоши“ како одговор навеле „неточно“.

ДИСКУСИЈА

Целта на ова истражување беше да се процени капацитетот на програмата на Нарконон за едукација од областа на дрогите да произведе долгорочен ефект врз однесувањето на студентите во врска со користење на дрогите во универзална поставеност на еден клас (сите студенти). До голема мера, одговорите при референтното истражување беа слични на шаблоните од големите национални истражувања. Пред да се започне со тестирањето, направена е контрола на употребата на дрогите, а шест месеци по учеството во наставната програма за едукација од областа на дрогите, учениците кои биле дел од групата за едукација покажале пониски нивоа на моментално користење на дроги отколку учениците во групата за споредба. Биле забележани значителни намалувања во конзумирањето на алкохол, тутун и марихуана - кои се значајни категории за оваа популација - како и одредени категории на „тешки дроги“, вклучувајќи ги и контролираните лекови на рецепт, кокаин и екстази. Резултатите во Табела 4 покажуваат јасна и вердостојна тенденција дека програмата предизвикува намалување на користење на дрогите и тоа кај сите категории кои се тестирани како учесници во наставната програма.

Сето ова е охрабрувачко, бидејќи проценката е така направена за да обезбеди тестирање на „реалниот свет“ како корисник на Нарконон програмата под нормални услови на дејствување во еден средношколски клас. Препреките за спроведување на програмата и евалуацијата додека училиштата се во сесија, вклучително и проценка на ефективноста со одговарање на прашалници, предизвикуваат скромни мерливи разлики меѓу групите за едукација и контролните групи со релативно големи девијации.

Употребата на методологијата за истражување на CSAP не овозможува кванитифицирање на намалувањата во користењето на дрогите и тоа не беше целта на оваа евалуација. Со тестирање на универзална публика, наместо тестирање на селектирани високо-ризични групи од ученици, математичката разлика меѓу одговорите на студентите во секоја категорија останува мала поради тоа што мнозинството ученици во референтното истражување навеле дека не употребуваат дроги.

Прашањата на CSAP со кои се тестира хипотезата дека промените во ставовите и верувањата ќе бидат модификувани со програмата за едукација за дроги, укажуваат на посреден ефект врз употребата на супстанци. Прашањата наменети за да се открие дали се добило ново знаење и дали тоа се задржало со текот на времето, иако укажуваат дека постоело општо претходно познавање на податоците, сепак тие категорично произвеле најзначајни статистички промени.

Иако примарно станува збор за образовна стратегија (според класификацијата на Центарот за третирање од злоупотреба на дрогите), Нарконон програмата вклучува пристапи кои се во согласност со клучните теории за превенција. Низ целата наставна програма голем акцент се става на комуникацијата како средство за реализација на секоја компонента. Зајакнување на компетенциите се постигнува преку интеракција на студентите и со вршење на лична инспекција по училиште на влијанието на медиумите и средината заради справување со сите општествени влијанија. На учениците им се претставуваат информации кои се темелат на научни податоци, а учениците прават вежби чија цел е да им се развијат способностите за оцена на точноста на пораките кои се презентираат како информации од различни извори.

Што се однесува до важноста на стекнатото знаење, иако и поранешните програми за рана превенција им давале на лицата точни факти за штетните ефекти на алкохолот и другите дроги, прептпоставувајќи дека потоа овие лица ќе го намалат или избегнуваат користењето на дрогите зашто тоа е во нивни интерес, студиите со овие исклучиво генерички информации или со моделот на свесност довеле до еден од малкуте универзално прифатени факти на полето на превенцијата: односно, дека за големото мнозинство, едноставната свесност стекната преку пасивно примање на информации за здравјето не е доволна за да ги натера овие лица да го сменат нивното моментално однесување или да ја намалат нивната сегашна или идна употреба на дрогите.

Уште од самиот почеток, материјалите за обука на тема превенција на Нарконон, ставаат акцент на комуницирање на информациите и инетеракција со комуникаторот. Олеснувачот на обуката е во согласност со моделот на Мегваер за убедување преку комуникација, составен од пет компоненти. Според оваа теорија, за да биде ефективен еден едукатор тој мора да го стекне, но и да го одржи вниманието на слушателите, тој мора да биде разбирлив (разбирање), мора да предизвика прифаќање кај лицето кон кое ја насочува својата порака (еластичност), прифаќањето мора да биде задржано со текот на времето (задржување) и со тоа да биде преточено во акција во дадени ситуации. Тестирањето на способноста да се одбере точниот одговор е само најава за перцепираните вредности и употребливоста на таа информација.

За таа цел, се препорачува вклучување на убедувачка комуникација во обуката на фацилитаторите и компоненти за мултимедијални програми. Теоретски, комуницирањето на информации кои се темелат на научни податоци во врска со природата и ефектите на дрогите може да им помогне на учениците во развивањето на мислењето и свесноста, но само доколку испратената порака им е многу реална на младинците и истата е испорачана на начин кој учениците го ценат и препознаваат. Мерките за задоволството на учениците што вклучува и афективни реакции (на пример, уживање, задоволство) треба дополнително да се истражат бидејќи тие може да откријат значајни промени во перцепирањето на самите информации кои не можат да се забележат во прашања кои имаат едноставни одговори „точно/неточно“.

ЗАКЛУЧОК

Нарконон програмата е интензивна програма составена од осум модули и истата има длабински темели во теоријата и во етиологијата на злоупотребата на супстанции, при што вклучува и неколку важни и историски успешни компоненти за превенција.

Ова оди во прилог на предвидувањето дека учесниците во програмата реализирана во еден средношколски клас ќе го сменат своето однесување во смисла на злоупотреба на дроги. Исто така, мрежата на Нарконон обезбедува силна организациска структура која овозможува одржлива и исклучително стандардна испорака на програмата.

Со оваа евалуација, наставната програма на Нарконон за едукација од дроги дава веродостојни намалувања на употребата на дрогите шест месеци по нејзиното завршување и тоа во секоја тестирана категорија на дроги. Една третина од овие прашања - оние кои ги оценуваат дрогите кои најчесто се користат од младите; алкохолот, тутунот и марихуаната, како и „тешките дроги“ - покажале статистички значително намалување на употребата. Постигнатите намалувања и кај амфетамините и амфетамини кои не се издадени на рецепт се значителни, имајќи ги во предвид скорешните зголемувања на нивната достапност и лица кои почнуваат да ги користат. Веродостојноста на намалувањата измерени кај лицата кои земале дроги ја даваат најрелевантната поддршка за наставната програма за едукација од областа на дрогите на Нарконон.

Способноста на програмата да предизвика намалувања во користењето на дрога се постигнува преку корегирање на преовладувачките, но сепак лажни пораки, со тоа што се оспособуваат младите луѓе да набљудуваат, сами да носат заклучоци и исто така со програмата се подобруваат и нивните меѓучовечки вештини што придонесува до развој на соодветни норми на групата. Овие промени може да резултираат во менување на перцепцијата за ризик и да извршат корекции на ставовите на поединците и на групата. Сепак, механизмите на делување на оваа програма треба дополнително да се истражат со користење на чувствителни инструменти и анализи кои се дизајнирани за да ја тестираат хипотезата. Иако CSAP прашалникот помина низ сеопфатен развоен процес, со изолирање на ефективните компоненти од програмите за превенција од дроги, можно е да има потреба од посилна методологија, особено во насока на теоретската конструкција на програмата.

Наставната програма на Нарконон за средношколци јасно покажува позитивни резултати и испраќа важна и моќна порака која промовира апстиненција. Имајќи ги во предвид значајните намалувања во користењето на дроги, научната содржина и теоријата за општественото влијание кои се темели на материјалите за оваа програма и нивната имплементација, како и силното, централизирано раководство на Нарконон Интернационал, оваа програма ветува и ги задоволува виталните потреби за превенција од злоупотреба на супстанци.